Собрание

На комисиска расправа Предлог-закон за измени и дополнувања на Законот за медиуми

02.04.2025 09:12

Во образложението објавено на официјалната веб-страница на Собранието, се наведува дека една од примарните цели на Законот за медиуми е да се гарантира „слободата на изразување и слободата на медиумите“.

Денес се одржа седница на собраниската Комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање на која беше разгледан Предлогот за измени и дополнувања на Законот за медиуми.

Во образложението објавено на официјалната веб-страница на Собранието, се наведува дека една од примарните цели на Законот за медиуми е да се гарантира „слободата на изразување и слободата на медиумите“.

Целта на овој Предлог-закон, како што е нагласено, е да се вклучат онлајн медиумите – интернет порталите во делот за дефиниции, каде што би биле наведени покрај веќе споменатите „весници, магазини, програми на радиото и телевизијата, телетекст и други средства за дневно или периодично објавување на уреднички обликувани содржини во пишана форма, звук или слика, со цел да се информираат и задоволат културните, образовните и другите потреби на пошироката јавност“. Предвидено е онлајн медиумите во Законот за медиуми да бидат означени под терминот „онлајн медиуми – интернет портали“.

Во делот од Законот каде што се дефинира издавачот на медиум, се предлага проширување со дејноста што ја вршат онлајн медиумите – интернет порталите, покрај активностите што ги извршуваат печатените медиуми и радиодифузерите.

Измените и дополнувањата на Законот за медиуми ќе бидат насочени и кон воспоставување Регистар на онлајн медиуми – интернет портали, кој јасно ќе ги дефинира критериумите со податоците за нивно регистрирање/евидентирање.