САД

Трамп најавува „златна ера“ за САД

02.04.2025 09:17

Белата куќа потврди дека Трамп денеска ќе ги објави новите царини за увоз. Според аналитичари, на светот му се заканува трговска војна во која најтешко ќе се справат земјите во развој. Трговските партнери на САД најавија контрамерки и опција за дијалог. Берзите во вртоглав пад, расте цената на нафтата...

Светот пред нова неизвесност. „Денот на ослободувањето“ носи нови економски предизвици, а за многумина на повидок е трговска војна. Белата куќа потврди дека претседателот на САД воведува нови царини, иако не го откри обемот на мерките. Амбициозниот план за зајакнување на американската економија, според Вашингтон, треба да го преобликува светскиот трговски систем.

„Претседателот има брилијантен тим од советници кои ги проучуваат овие прашања со децении. И ние сме фокусирани на обновување на златното доба на Америка и правење на Америка да произведува суперсила“, изјави Каролин Левит, портпарол на Белата куќа.

Демократите на Капитол Хил предупредуваат на повисоки цени и економски проблеми.

„Тарифите им штетат на нашите односи со остатокот од светот. Претседателот Трамп е во заблуда кога тврди дека тарифите ги плаќаат само странски влади и компании“, изјави сенаторот Крис Кунс, Делавер.

Трамп веќе воведе царини за увоз на алуминиум и челик и ги зголеми давачките за сите производи од Кина. Не се исклучува новите давачки да ја погодат фармацевтската индустрија. На најголем удар се земјите во развој, Индија, Бразил, Виетнам и други од Југоисточна Азија и Африка.

„Три четвртини од производите што влегуваат во САД од Бразил се индустриски производи со ниска додадена вредност. Значи, зборуваме за метали, кои се повеќе или помалку полупроизводи, а нечист метал. Запомнете дека челикот веќе се оданочува 25%, така што данокот за челик ќе се зголеми до небо“, изјави Винисиус Виеира, професор по меѓународни односи.

Јапонија, Канада, Кина, Австралија, ЕУ најавија контрамерки. Брисел засега се надева на продолжување на дијалогот со Вашингтон, Мексико подготвено на секакво сценарио. Ако американските трговски партнери решат да возвратат со контрамерки, глобалната трговска војна ќе ја зголеми инфлацијата и ќе го забави растот, предупредуваат експерти. Берзите веќе се во вртоглав пад, цените на нафтата пораснаа.

„Мислам дека глобалните берзи ќе реагираат негативно, почнувајќи од падот на пазарот во САД, а потоа ќе се пренесат на азиските пазари. Мислам дека и Јапонија, Јужна Кореја и Тајван ќе бидат погодени, бидејќи овие три земји се исто така многу зависни од американскиот пазар“, изјави Френсис Лун, извршен директор на финансиска институција.

Трамп ги гледа тарифите како средство за постигнување четири главни цели: ограничување на протокот на фентанил и илегална миграција во САД, израмнување на теренот за игра со трговските партнери, зголемување на владините приходи и зајакнување на домашното производство.

 

Маријана Димовска