Чибишев: Со брза реакција за среќа ги одржавме во живот сите пациенти
Кризниот штаб треба да одлучи, дали пациентите кои имаа токсиколошко труење во Кочани ќе треба да бидат испратени во некој од центрите во странство. Нивото на отровни гасови било толку високо што за неколку минути настапува смрт. На хоспитализираните пациенти кои навидум биле добри, за кратко време им паѓала сатурацијата. Животот им го спасила брзата реакција на лекарите …

Инхалаторните труења прават опструкции, со брза реакција ги одржавме во живот сите пациенти, вели директорот на Токсикологија, Андон Чибишев, потсетувајќи се на кобната несреќа во Кочани. Момче со мала изгореница на глава, со инхалаторно труење го хоспитализирале, земеле примероци за анализа, му дале терапија, се стабилизирал, станал прошетал и за миг почнале да го губат.
Професорот Чибишев вели, наредните месеци ќе ги следат пациентите, бидејќи при инхалаторно труење доаѓа до недостиг на кислород во мозокот кое може да предизвика оштетувања. Ако процени Кризниот штаб, овие пациенти можат да се пратат на рехабилитација во странство.
Инженерот по биологија, Јулијана Стојановска прави биохемиски и гасни анализи за да се види колкаво е труењето.
Лекарите апелираат, пациентите иако се чувствуваат добро и се на домашно лекување да не ги испуштаат закажаните контроли.
Наташа Јанчиќ-Менковски
