Советот на јавни обвинители даде негативно мислење за разрешување на Коцевски
По трагедијата во Кочани, постапката доби сосема друг тек, откако Владата одлучи да ја прекине за да не ја загрози истрагата за пожарот во „Пулс“, која досега резултираше со 34 осомничени.

Советот на јавните обвинители даде негативно мислење за владиниот предлог за разрешување на републичкиот обвинител, Љупчо Коцевски. По трагедијата во Кочани, постапката доби сосема друг тек, откако Владата одлучи да ја прекине за да не ја загрози истрагата за пожарот во „Пулс“, која досега резултираше со 34 осомничени.
„Со оглед дека одлуките се носат со мнозинство гласови од мнозинството членови, тоа значи дека Советот даде негативно мислење по предлогот на Владата за разрешување на јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љупчо Коцевски“, констатираше претседателката на Советот на јавни обвинители, Душица Димитриеска.
На седницата не присуствуваше јавниот обвинител Коцевски, како што налага законската процедура во ваков случај. Дискусијата се одвиваше зад затворени врати. Образложението за исклучување на јавноста беше заради заштита на угледот и интегритетот на јавниот обвинител, како и заради податоците и доказите што тој ги навел во своето произнесување по однос на предлогот за негово разрешување.
