Премиерот Мицкоски подготвен да разговара со првиот опозиционер
Да се воспостави нов општествен и политички дијалог – лидерот на СДСМ Филипче ќе оди на тет-а-тет средба со премиерот. Мицкоски подготвен да го слушне планот …

Системот очигледно не функционира изминативе децении и за тоа виновни се сите политички партии – констатира првиот социјалдемократ Венко Филипче.
Прифаќа средба со премиерот Мицкоски, предлага да се разговара за образованието, здравството, реформите во правосудството кои, како што вели Филипче, треба да се донесат со силен консензус, за животната средина и за департизација и деполитизација на институциите. Потребно е сите заедно да работиме за доброто на државата вели лидерот на СДСМ.
Ако има план, подготвен сум за средба со Филипче. Не може преку медиуми да се разговара за сериозни теми бидејќи не ни треба естрада – одговори премиерот Мицкоски.
Филипче вели дека ја следат истрагата за трагедијата во Кочани, особено дава поддршка на Јавното обвинителство, но смета дека МВР потфрлило со истрагата. Се согласува дека истрагата за пожарот треба да заврши, па потоа да се дебатира на анкетна комисија во Собранието. Мицкоски пак посочи дека владината коалиција функционира беспрекорно, а дека јавните препукувања меѓу Милошоски и Филков ги оцени само како лош ден за двајцата.
Миле А. Ристески
