Кошаркарите очекуваат успешен старт на квалификациите

08.08.2014 13:50

В недела играме во Скопје против Белгија, на отворањето на мечевите во квалификациската група Д...

Во обидот да ја продолжи традицијата на настапи на континенталните собири, нашата кошаркарска А селекција е во добра физичка и психолошка кондиција, пред првиот официјален меч на оваа генерација. В недела играме во Скопје против Белгија, на отворањето на мечевите во квалификациската група Д.
 
„Не сум работел со подобра група на луѓе. Сум работел со поквалитетни кошаркари, но ова се најдобрите момчиња што до сега сум ги тренирал“, - истакна нашиот нов селектор, Александар Џикиќ. „Ако го одработиме она што го планираме, мислам дека успехот против Белгија нема да изостане. Тоа е една силна и атлетски добро подготвена репрезентација. Против Белгијците може да се игра само до коска и никако поинаку. Сите кошаркари ќе добијат шанса, затоа што ова се натпревари што не се добиваат со индивидуален учинок, туку со тимска игра. Неизвесно е дали Дамјан Стојановски ќе истрча, но сигурно е дека Бојан Крстевски нема да настапи“ - рече српскиот стратег.
 
Скромен во изјавите (но жесток на теренот), како и секогаш, капитенот Војдан Стојановски кој што природно се наметнува како лидер на оваа нова македонска кошаркарска генерација, кратко сумираше: „Сигурно дека ни недостасуваат искуството и квалитетите на оние кошаркари што ги нема со нас, а што ги гледавме во минатото, знаеме кој се недостасува, но ние сме сложна група, работиме напорно и мислам дека ако дадеме се од себе ќе успееме да се пласираме не европското првенство“.
 
Македонија ги почнува квалификациите в недела од 20:30, против Белгија. Следува серија од три гостувања, кај Данска, Белорусија и кај Белгијците, по што завршуваме дома против Данска и Белорусија. Првиот натпревар може да се покаже како клучен за исходот на овие квалификации, но и не мора да значи. Дури и со два пораза од (на хартија фаворитот) Белгија имаме шанса за пласман на континенталното првенство, затоа што освен победниците на групите, директен пласман ќе изборат и 6 најдобри второпласирани репрезентации од 7 квалификациски групи.
 
Ќе констатираме дека оваа Македонија има и тоа каков потенцијал, за освојување на првата позиција во групата Д и за директен пласман на Евробаскет 2015, без да чекаме на некакви математички исходи од другите групи. Не смееме да размислуваме на никакви порази и пермутации, мора да го дадеме најдоброто од себе во овој квалификациски циклус, во кој што очекуваме конечно да видиме колку знаат оние што до сега беа епизодисти и да блеснат некои нови македонски кошаркарски ѕвезди.
 
Македонската Телевизија ќе ги пренесува квалификациските мечеви, на нашата А кошаркарска селекција.