Македонија

Протест на ССМ, се бара минимална плата од 500 евра

02.04.2025 16:28

Или минимална плата од 500 евра или протести и генерален штрајк – наместо во Работничкиот дом, ССМ заседаваше на улица. Власта образложува – ако не донесовме одлука за минималецот во март ќе се блокираше цела држава.

Точно напладне, во 12 часот и 5 минути, членовите на раководството на Сојузот на синдикатите на Македонија ја отворија јавната седница пред Работничкиот дом, па продолжија кон Собранието. Оттаму им порачаа на пратениците да донесат одлука за раст на минималната плата на 500 евра. Побараа функционерите да земаат минимална плата сè до наредното зголемување.

ССМ одржа јавна седница и пред Стопанската комора и Владата, каде што Синдикатот изрази незадоволство од одлуката минималната плата да се зголеми 1.800 денари без тоа да помине на Економско-социјалниот совет, што, според нив, е незаконско.

Министерот за економија рече дека ги почитувале законот и утврдената методологија, бидејќи ако не донеле одлука за минималецот до крајот на март, државата ќе била блокирана.

Економско-социјалниот совет нема одржано седница подолго време, оти Комисија треба да ја утврди репрезентативноста на ССМ. Синдикатите се заканија – или минималецот ќе изнесува 500 евра или ќе следуваат протести и генерален штрајк.

 

Борис Грујоски