непогода

Маркова Река поплави куќи и други објекти

02.04.2025 16:15

Надојдената Маркова Река поплави делови од Студеничани, Кисела Вода и Аеродром. Водата навлезе во куќи, магацини и индустриски објекти во Студеничани, Батинци, Горно Лисиче. Механизацијата е на терен за санирање на последиците. Жителите критикуваат – плаќаме даноци, а каналите не се исчистени. Сега стравуваат од ширење заразни болести...

Водостојот на Маркова Река се нормализира. Од надојдената вода најмногу настрадаа жителите на Батинци. Поплавени се дворови, подруми, други објекти.

„Кога престана дождот, се ова беше под вода“, изјави жител.

Сликата била ужасна, мештаните брзо се организирале, поради тоа, велат, штетата е само материјална.

„Кога видоа дека нема помош, некаде со вреќи, некаде со приватни багери, на иницијатива на нас селаните се спасивме и фала му на Господ што заврши вака“, изјави Мусад Пашалиќ.

По поплавата, сега се стравува од ширење заразни заболувања, бидејќи фекалиите се слеваат во реката .

„Немаме канализација, канализацијата на целото село е во река. Треба да дојдат да направат дезинфекција и дезинсекција по дворовите“, изјави Албин Бача.

Жителите чии домови се блиску до Маркова Река ги прошириле дворовите, стеснувајќи го речното коритото, тоа е една од причините за прелевање на водата. Течението дополнително го попречуваат големите количини смет.

„Ставаат разни работи, камења, дрвја и нормално коритото се стеснува. Не може да ја прими водата која доаѓа и таа се разлева, прави штета“, изјави жител.

И додека жителите обвинуваат дека каналите не се исчистени, општината вели дека се чисти наносот што го донесе надојдената вода.

„Како општина се обидуваме да направиме акција за чистење речни корита, но како општина ограничени сме со буџет. Ќе преземеме мерки, сега мора прво да направиме акција за чистење на целиот нанос што го донесе водата“, изјави Азен Садикиградоначалник на Батинци.

„Веднаш мобилизира екипа за спасување од поплави со интервенција со пумпи. Кај што имаше потреба во некои места и куќи“, изјави Селмани – директор на ДЗСИ.

Надлежните ја проценуваат штетата, мостот кон Батинци е безбеден за сообраќај. Забрани имаше и на локалниот пат од Горно кон Долно Лисиче, но, и таму сообраќајот е нормализиран.

Поради обилните врнежи од дожд и излевањето на Маркова Река ограничен беше пристапот кон Батинци. Заради безбедност на мештаните, полицијата го обезбедуваше мостот и не дозволуваше да минуваат возила.

.

Андријана Ѓурческа