Разузнавачот Богоевски заработи две години затвор

16.12.2013 15:32

За финансиски малверзации – две години затвор доби поранешниот разузнавач Слободан Богоевски

Со уште петмина обвинети незаконски продавале градежно земјиште. На двегодишна робија се осудени и адвокатот Владимир Пешликовски и претставникот на „Меркатор“ Митја Валиќ којшто е во бегство. Највисока казна доби адвокатот Васко Томановиќ, три години,  а последните двајца обвинети добија двегодишни условни казни.

Освен затворските казни, обвинетите ќе треба да ја надоместат и штетата која се проценува на 850.000 евра. Судот донесе решение за укинување на мерката притвор, па обвинетите ќе се бранат од слобода до правосилност на пресудата.

Адвокатите сметаат дека штетата е фиктивна, и дека не постои кривично дело.

-Осудителната пресуда е тотално погрешна. Таа е резултат на креативното толкување на Законот од страна на судот, со што се направи невиден преседан. Обвинение кое нема отштета, нема штета, а вели има кривично дело, изјави адвокатот Трајче Китановски.

Во обвинението пишува дека групата пред 13 години со фиктивни договори, во кои била вклучена и фирма од Кипар, направиле финансиски криминал и продавале земјиште од 19 илјади квадратни метри кај базенот во Карпош.

-Се работи за приватен имот на приватни фирми, а обвинителството и судот ја поткрепуваат нивната пресуда само врз основа на претпоставки.  Немаше никакви докази, ниту некој се јави да каже дека е оштетен или повреден или на некој начин се повредени неговите интереси, оцени адвокатот Јордан Апостолски.

Судот не изрече казна забрана за вршење дејност, што значи дека адвокатите ќе можат да се вратат на работа.

 

Новинар: Анита Димитријевска

Снимател: Дејан Божиновски