Трамп воведе царини на целиот свет
САД му објави историска трговска војна на светот. Трамп воведува основен данок од 10 насто на увозот од сите земји и уште повисоки царини за 60 други, меѓу нив и за Македонија. Новите трговски практики предизвикаа лавина реакции на светските лидери. Аналитичарите со предупредување-ризичниот потег на Трамп се заканува да ја втурне економијата во пад и да ги уништи повеќедецениските сојузи. Светските берзи веќе бележат пад.

САД му објави историска трговска војна на светот. Воведува основен данок од 10 насто на увозот од сите земји и уште повисоки царини за 60 други, меѓу нив и за Северна Македонија и земјите од регионот. Србија е погодена со највисока стапка од 37 насто, Босна и Херцеговина со 35, а нашата земја со 33 проценти. Косово и Албанија ќе плаќаат данок од 10 насто. Трамп ги објави долгонајавуваните тарифи за кои, како што тврди, повторно ќе ја преродат американската индустрија и ќе ја збогатат земјата.
„Хроничните трговски дефицити повеќе не се само економски проблем. Тие се национална вонредна состојба што ја загрозува нашата безбедност и начин на живот, многу голема закана за нашата земја. И од овие причини, спроведуваме реципрочни царини за другите нации. Ова е моментот кога ќе ја збогатиме Америка повторно! Нашите работници и бизниси беа жртви на странски мршојадци, но тоа завршува денес“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Новите трговски практики на Вашингтон посебно ги погодија Канада, Мексико и Кина. Мерките предвидуваат дополнителни царини од 34 насто за сите кинески производи, покрај веќе наметнатите 20 проценти. Производите од ЕУ ќе се царинат со 20 насто. За Јужна Кореја 25, еден насто помалку за Јапонија и 32 проценти за увоз од Тајван. Од денеска стартува и данокот од 25 насто за сите автомобили увезени од странство.
„Ако ја погледнете Кина – гледате 67 проценти, но ние ќе наплаќаме реципрочна тарифа со намалена цена од 34%. Со други зборови, им наплаќаме помалку, па како може некој да биде вознемирен?“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Но, вознемиреноста во светот расте. Реакциите не стивнуваат. Кина најави одлучни контрамерки, Канада ќе се бори со сета сила, а Австралија е лута и бара преговори. Реагираа и од Брисел.
„Од клучно значење е да се дејствува со цел и со сила, и тоа е она што ќе го направиме“, изјави Марк Карни, премиер на Канада.
„Ова не е чин на пријател. Ова ќе ја зголеми несигурноста во глобалната економија ќе ги зголеми трошоците за американските домаќинства. Тие ќе ја платат најголемата цена за овие неоправдани царини. Нема да се приклучиме на трката до дното што води до повисоки цени и побавен раст“, изјави Ентони Албанезе, премиер на Австралија.
„Последиците ќе бидат страшни за милиони луѓе ширум светот. Се согласувам со Трамп дека неправедно се искористуваат сегашните правила и подготвена сум да го поддржам да го направиме глобалниот трговски систем погоден. Од самиот почеток сме подготвени да преговараме, да ги отстраниме преостанатите бариери за трансатлантската трговија, но во исто време, подготвени сме и да одговориме“, изјави Фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
Трамп доби укор и од американскиот сенат. Демократите добија поддршка од неколку републиканци. Усвоија резолуција која треба да ја попречи намерата на претседателот да воведе царини за Канада. Во истовреме, аналитичарите предупредуваат дека ризичниот потег на Трамп се заканува да ја втурне економијата во пад и да ги уништи повеќедецениските сојузи. Глобалните акции веќе забележаа голем пад.
Бојана Крстевски
