Тошковски: Неселективна борба против криминалците
Сите во МВР се вознемирени кога гледаат дека криминалец се прикривал во униформа по апсењето на членот на обезбедувањето на премиерот, осомничен за оддавање службена тајна, вели министерот Тошковски. Најави неселективна борба против сите недобронамерници.

Како полицискиот службеник и член на обезбедувањето на премиерот Христијан Мицкоски дошол до документите кои биле изнесувани од МВР, а биле класифицирани како службена тајна – министерот Тошковски не открива детали. Вели, истрагата е во тек, но тврди-казни за сите кои го кршат законот ќе има. Тошковски признава дека тој и другите припадници на МВР се вознемирени кога гледаат дека криминалец се прикривал со униформа. Со овој случај Тошковски вели, МВР покажува дека неселективно се бори со криминалците во своите редови.
„Сакам да им порачам на сите оние недобронамернции и предавници на родот свој, имајќи предвид на криминалците во МВР, дека неселективно и бескомпромисно ќе се бориме против истите. Македонските граѓани заслужуваат полиција која ќе ги штити, а не која ќе ги рекетира“, изјави Панче Тошковски – министер за внатрешни работи.
Опозицијата побара оставка од министерот за внатрешни Тошковски, власта одговори-секој кој го прекршил законот ќе биде санкциониран. Обвинителството извести дека на 30-ти март на паркинг пред хотел во Велес се сретнал со сведок во постапката и му ги покажал документите на МВР кои се службена тајна.
Обезбедувачот на премиерот за 50 илјади евра откривал полициска службена тајна од истрага. Судот му одреди 30-дневен притвор, го издржува во истражниот затвор во Шутка.
Андријана Ѓурческа
