Економија

Имаме јасен план како понатаму, велат од Владата откако Трамп воведе царини

03.04.2025 17:28

Како високите царински тарифи ќе се одразат врз македонската економија? Какви ефекти ќе има врз извозниот потенцијал? Владините тимови веќе некое време ги анализираат можните последици, велат дека имаат подготвен план за надминување на ситуацијата…

Контактите со американската администрација се воспоставени и ќе продолжат на високо ниво, велат од Владата по одлуката на претседателот Трамп за „реципрочни царини“. Работат на изнаоѓање решение и на спроведување на планот.

„Владините тимови веќе некое време ги анализираат можните последици и заедно имаме подготвен план за надминување на ситуацијата. Оваа одлука нема да има голем импакт врз нашата економија, но ние имаме јасен план како понатаму“, велат од Владата.

Со 33 проценти земјава се вбројува во земјите со највисоки царини е резултат на различните пресметки, велат експертите. За нив е неочекувана ваквата одлука и потребно е редефинирање на даночната и фискалната политика.

Одлуката за „реципрочна царина“ не би требало да влијае на домашната економија директно и на краток рок, според нив. Но, би влијаело преку нашите трговски партнери од европските земји.

Над 314 милиони долари изнесувала трговската размена помеѓу Македонија и САД минатата година со што оваа земја е на 24-тото место како наш трговски партнер. 118,2 милиони долари достигнал извозот минатата година, а 195,9 милиони долари увозот според податоците на Државниот завод за статистика. Двојно повеќе производи биле извезени минатата година во споредба со 2023-та година, за 27 отсто помалку биле извезени.

Според статистичките податоци за минатата година, од Македонија во САД најмногу се извезувале машини и транспортни уреди, храна, пијалаци и тутун.

Александра Велинова