Крива Паланка

Обвинителството ќе ја истражува катастрофата на Крива Река

03.04.2025 16:52

Водата на Крива Река е сериозно загадена и неупотреблива за која било намена, покажа и втората анализа на Институтот за јавно здравје. Потврдено е присуство на тешки метали. Обвинителството отвори предмет за случајот...

Основното јавно обвинителство ќе ја истражува еколошката катастрофа на Крива Река. Веќе е оформен предмет, а инспектори за животна средина дале исказ во обвинителството.

„Тие доставија извештај од своето постапување. Продолжуваме да преземаме други дејствија, издадени се наредби и вештачења“, информираат од ОЈО Куманово.

И анализата на Институтот за јавно здравје покажала дека водата во Крива Река е неупотреблива и сериозно загадена. Потврдено е дека содржи тешки метали, неколкукратно над дозволеното. Зголемена е концентрацијата на олово, манган, цинк, презентираше градоначалникот на Крива Паланка. Нејзината употреба рече е штета за наводнување, но и животинскиот свет.

„Не е јасно како од Булмак 2016 тврдат дека загадувањето не е од истекувањето и хаваријата на цевката во рудникот „Тораница“. Имено, согласно А еколошката лиценца која ја поседува „Булмак 2016“ и рудникот Тораница во нивниот процес се користи токму кадмиум, цинк, олово, цијанид и останати соединенија кои се наоѓаат во Крива Река“, истакна градоначалникот на Крива Паланка, Митовски.

Од компанијата „Булмак“ негираа дека загадувањето на Крива Река, е од хаваријата што се случи во рудникот Тораница. Според нив од цевка истекла техничка вода, која не била дел од производствениот процес и тогаш не се користеле хемикалии. Анализата на компанијата, спротивно на двете на општината и риболовното друштво „Мрена“, покажала минимално покачување на олово, а параметрите со цијанид се на задоволително ниво.

Министерството за животна средина и инспекторатот информираа дека правниот субјект може да добие казна до 200 илјади евра.

Елена Георгиевска