политика

Мицкоски и Филипче договориле формирање работни групи за спроведување на реформската агенда

03.04.2025 19:17

По час и половина разговор во Владата, премиерот Мицкоски и лидерот на СДСМ Филипче договориле да се формираат работни групи за спроведување на реформската агенда во правосудството, енергетиката и здравството. И двајцата велат дека состанокот бил конструктивен...

Мора да се случат коренити реформи на системот од кој граѓаните се незадоволни, оцени претседателот на Владата Христијан Мицкоски по средбата со лидерот на СДСМ Венко Филипче. Македонските државни интереси треба да бидат појдовната точка во разговорите за секое прашање, при што премиерот од Филипче побарал да се потруди кон определбата за промени, реформи и напредок.

„Беше истакната потребата да се работи на заедничката иднина за граѓаните, како и да се работи на консензус меѓу различните страни за клучните прашања за државата и добробит на сите граѓани. Во тој контекст неопходно е да се мобилизираат сите напредни поединци и структури кој можат да дадат придонес на патот за развој на земјата. Се договоривме да се формираат работни групи кои ќе разговараат за реформските законски решенија кои треба да ги гарантираат заложбите за напредок“, информираа од Владата.

Состанокот беше добар и конструктивен, оцени претседателот на СДСМ, Венко Филипче по средбата со премиерот Христијан Мицкоски. Рече дека се договориле да формираат работни групи за спроведување на реформската агенда во правосудството, енергетиката и здравството.

На средбата се зборувало и за евроинтеграциите и уставните измени.

Средбата во Влада траеше еден час и 40 минути, а се одржува на иницијатива на премиерот, кој му понуди на Филипче тет-а-тет средба. Следен чекор е лидерска средба.

Борис Грујоски