Две новини од ФЗОМ

08.08.2014 15:03

Фондот за здравствено осигурување, воведе две новини. Едната се однесува на ин-витрото, а додека пак, втората новина е за иселениците кои по пензионирањето се враќаат во земјава...

Идните брачни двојки кои се лекуваат од стерилитет, ќе можат првото ин витро да го направат со сопствен репродуктивен материјал - јајце клетки. До сега 100-на осигуренички го купуваале материјалот главно од странски дарители,за што плаќаале по две до три илјади евра.. Новината ќе се применува од 16-ти овој месец. За 7 месеци вештачко оплодување за прво дете направиле 650 парови, а за второ,100.

„Увидовме дека мединицината не е секогаш два и два и постои определен број на осигуренички кои што навистина можат со сопствен материјал да се оплодат и затоа направивме измена првиот пат да биде на товар на фондот“, вели Бранко Аџигогов од ФЗОМ.

Македонските државјани што се пензионирале во странство, а се вратиле во земјава за здравствено осигурување плаќаат повеќе од 13 илјади денари месечно. Поради тоа голем дел се откажуваа и се лекуваа приватно. Од оваа причина цената е намалена на нешто повеќе од две илјади денари.

Во моментов 105 македонци пензионирани во странство се лекуваат на товар на Фондот. Поради намалената цена за здравствено осигурување се очекува оваа бројка да се зголеми. 

Андријана Атанасовска