Колективната одбрана и зајакнување на партнерствата, во фокусот на министерскиот состанок на НАТО
Итните безбедносни прашања, Украина, колективната одбрана и зајакнувањето на партнерствата тема на дводневниот НАТО состанок на министрите за надворешни работи во Брисел. Разгледани плановите за јунскиот самит во Хаг...

Итните безбедносни прашања, Украина, колективната одбрана и зајакнувањето на партнерствата тема на дводневниот НАТО состанок на министрите за надворешни работи во Брисел. Разгледани плановите за јунскиот самит во Хаг.
„ЕУ има за цел да одигра поголема улога во поддршката на Украина. Во сепоопасен свет, сите ние мора да го дадеме нашиот фер удел. Континуираната посветеност на САД кон нашиот силен трансатлантски сојуз останува основата на нашата безбедност“, изјави, генерален секретар на НАТО, Марк Руте.
НАТО сојузниците се долгогодишни партнери кои можат да ги надминат нивните разлики, вели државниот секретар на САД. Рубио претходно порача дека сојузниците мора да обезбедат повеќе средстава за одбрана.
„НАТО е посилен од кога било. Ќе продолжи да станува посилен, затоа што сите земји во НАТО ќе трошат повеќе пари и ќе имаат повеќе капацитети. Значи, ние ќе бидеме посилно партнерство, бидејќи нашите партнери ќе бидат посилни“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.
Во време на сложени геополитички услови, кои носат широки безбедносни предизвици, важно е единството меѓу сојузниците, изјави македонскиот шеф на дипломатијата Муцунски.
„САД се апсолутно во право дека ние треба да ја преземеме целосната одговорност за нашиот мир и сигурност. 5 проценти можеби не се постигнуваат преку ноќ, но мораме да продолжиме со инвестирање во нашата одбранбена индустрија, во инвестирање во воените капацитети и ова е правата траекторија по која треба да се движиме. Не се работи само за билатералните прашања со САД, туку за инвестирање во безбедноста. Без безбедност, немаме стабилност“, изјави министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски.
ЕУ доби уверување дека во разговорите со Путин, Вашингтон нема да направи отстапки што се против интересите и црвените линии на Украина и Европа. Велика Британија и Франција ја обвинија Русија дека ги одолговлекува преговорите за прекин на огнот.
„Беше истакнато дека ништо за Украина нема да се случи без Украина, а Украина и Европа треба да се согласат за што и да се разговара“, рече Каја Калас, шеф на надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
И додека се зборува за мир, нападите на фронтот не запираат.
„Украина безусловно ги поддржува заложбите на САД за целосен прекин на огнот. Вчера имавме одговор од руска страна, масовно го нападнаа Харков, беше нападната нашата цивилна инфраструктура. Јасно е кој сака мир, кој војна. Мора да ја натераме Русија сериозно да го сфати мирот и да ја принудиме на мир“, изјави Андриј Сибиха, министер за надворешни работи на Украина.
Претседателот Зеленски вели дека Украина нема да ги признае териториите окупирани од Русија и нема да се согласи да ја намали војската за време на претстојните преговори за ставање крај на војната.
Маријана Димовска
