Судир на интереси

ДКСК сè уште не одговорила по пријавата поднесена од обвинителот Цветановски

04.04.2025 16:12

Цветановски смета дека во случајот обвинителите што вршеле надзор над работата на скопското Вишо јавно обвинителство, биле во „директен и видлив судир на интерес“.

Државната комисијата за спречување корупција сè уште не одговорила по пријавата поднесена од обвинителот Јован Цветановски за судир на интереси на државниот обвинител Љупчо Коцевски и на јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели. Тој за МТВ вели дека во прилог на пријавата доставил докази за изнесените наводи. На адреса на Антикорупциската комисија во својство на службено лице ја доставил во декември. Цветановски смета дека поминало доста време за членовите да одлучат по неа.

Од Антикорупциската комисија тврдат дека работат на овој предмет.

„Во тек е постапка по овој предмет. Кога ќе заврши, ќе се донесе одлука на јавна седница“, велат од ДКСК.

Цветановски смета дека во случајот обвинителите што вршеле надзор над работата на скопското Вишо јавно обвинителство биле во „директен и видлив судир на интерес“. Во пријавата навел дека обвинителите Коцевски, Стефанова и Вели биле должни да внимаваат за потенцијален судир на интереси при спроведувањето на надзорот над работењето на Вишото јавно обвинителство Скопје, лани во октомври.

Единствена надлежна институција во државава за судир на интереси е Антикорупциската комисија. Според законската постапка за утврдување судир на интереси, по член 76 од законот, комисијата треба во рок од 15 дена да прибере документи, информации и податоци, од физички и правни лица, како и од службеното лице и во рок од 30 дена по проверката на наводите да донесе одлука за постоење или непостоење судир на интереси.

Наташа Гркова-Петрушевска