Трагедија во Кочани

Пожарот во дискотеката „Пулс“ ја зеде 60-тата жртва, почина Александар Карадакоски

04.04.2025 16:46

60-та жртва на пожарот во Кочани. Управителот на дискотеката со сериозно оштетени дишни патишта и длабоки изгореници не издржа во болницата во Литванија…

Пожарот во дискотеката „Пулс“ ја зеде 60-тата жртва. Почина 29-годишниот Александар Карадакоски, кој се лекуваше во Литванија. Поради вдишаниот чад, 90 проценти од дишните органи му биле оштетени и тоа била причина за смртта. Проблем претставувале и изгорениците кои зафаќале речиси 40 проценти од површината на неговото тело и предизвикале рани и инфекции. Му откажале и бубрезите, па на 1-ви април бил ставен на дијализа. По пожарот, Карадакоски бил донесен на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“, а 24 часа подоцна транспортиран во Литванија.

„Поради чадот што го вдишал, оштетени му биле дишните органи. Колегите во Литванија, со кои редовно се брифиравме, ни потврдија дека било утврдено оти е оштетен голем дел од дишното стебло кај Карадакоски, поради што дошло до влошување на состојбата и подлегнал на повредите“, изјави Небојша Настов – директор на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски.

Обдукцијата на телото ќе се изврши на Судска медицина, транспортот го организира државата.

Уште тројца критични пациенти се лекуваат во странство. Тешка е состојбата на околу 20-тина кои се интубирани.

„Засега нема податоци за какви повреди станува збор, како за Карадакоски кому му откажа работата на бубрезите, но овие тројца пациенти кои ви ги кажувам се во релативно тешка состојба“, истакна министерот за здравство, Арбен Таравари.

Шестмина пациенти кои беа хоспитализирани во Бугарија, Шпанија и Унгарија лекувањето го продолжуваат во земјава.

78 повредени од пожарот во Кочани сè уште се на болничко лекување. Од нив деветмина се во македонските здравствените установи, а 69 се лекуваат во странските медицински центри.

Познато е дека Карадакоски на хартија бил управител на кочанската дискотеката, но работел како шанкер. Беше меѓу 27-темина осомничени за трагедијата во Кочани. Обвинителството против него ја запре истрагата.

Андријана Ѓурческа