НБРМ: Раст од 3,9% во првиот квартал, главен двигател извозот

08.08.2014 15:44

Силен ефект врз растот, според Централната банка, имаа и бруто-инвестициите главно како резултат на зголемените приватни и јавни инвестиции...

Во првиот квартал од годинава Бруто домашниот производ, според податоците на НБРМ, оствари раст од 3,9 проценти, што е повисока стапка од очекувањата.

Главен двигател на растот и натаму е извозниот сектор, како ефект од зголемената активност на новите производствени капацитети во технолошко-индустриските развојни зони и постепеното засилување на надворешната побарувачка.

Силен ефект врз растот, според Централната банка, имаа и бруто-инвестициите главно како резултат на зголемените приватни и јавни инвестиции. Ваквите движења на извозот и на инвестициите овозможија натамошно одржување позитивни движења на пазарот на труд и продолжување на растот на потрошувачката на домаќинствата, а позитивно влијание врз растот на БДП имаше и јавната потрошувачка.

Од Народната банка наведуваат дека остварувањата во првиот квартал, како и расположливите високофреквентни податоци за вториот квартал на 2014 година упатуваат на задржување на економијата во зоната на солиден раст и се во согласност со проектираната патека на раст на БДП од 3,7 отсто и 4,4 отсто, за 2014 и 2015 година, соодветно.

Се очекува дека главен носител на растот и понатаму ќе претставуваат извозниот сектор и инвестициите, кои истовремено ќе имаат и позитивни преносни ефекти врз пазарот на труд и дополнително ќе ја поттикнат потрошувачката на домаќинствата.