Македонија

Засилени контроли на пловилата на Охридското Езеро

06.04.2025 18:27

Засилени контроли на пловилата во Охридското Езеро. Инспекторите извршија надзор врз сите бродови, кајчиња, катамарани, колку тие ги исполнуваат условите за безбедност на туристите. Дел се придржуваат, но дел не го почитувале законот за внатрешна пловидба, заработија казни.

Засилени инспекциски надзори на пловните објекти во Охридското Езеро. Покрај редовни, се вршат и вонредни контроли на бродовите, кајчињата и катамараните, кои превезуваат патници. Изминативе шест месеци, констатирани се 18 прекршоци по Законот за внатрешна пловидба.

Од Капетанијата велат мора да се исполнуваат високи стандарди за безбедност. Заштитни појаси, сидро, вене за спасување, противпожарен апарат и радио врска е минимум опремата, која мора да ја поседуваат сите пловила.

„Три редовни надзори на бродови, четири вонредни надзори на катамарани, два вонредни надзори на пасари со надградба тоа се бродови до 12 патници и 19 вонредни надзори на кајчиња. Од извршените вкупни надзори констатирани се 18 прекршоци на чамци и тоа за ноќно пловење, непоседување уверение за управувач на чамец, неистакната регистарска ознака и еден катамаран е казнет за претовар на патници“, вели Илија Арнаудоски капетан во Капетанија на пристаништа.

Биро Веритас ги прегледа комерцијалните бродови, тие се технички исправни и безбедни за панорамските патувања на туристите. Имаат исправна хидрантска мрежа, ПП апарати и навигација.

„Сакам да напомнам и да апелирам до возачите на чамци во летниот период ќе се зголеми обемот на инспекциски надзори во соработка со езерската полиција. Сакам да апелирам до сите учесници во внатрешната пловидба, навремено да си ги регистрираат своите чамци да ги извршуваат обврските на пловилата и да се придржуваат до правилата и мерките за безбедна пловидба“, вели Арнаудоски.

Годиниве наназад во внатрешната пловидба регистрирани се повеќе инциденти, опожарени пловила, сообраќајки со глисери, скутери, но и најголемата бродска несреќа потонувањето на бродот „Илинден“.

Соња Рилковска