Мицкоски: Да не се дозволи билатералните спорови да бидат пречка во остварувањето на колективната цел
Да не се дозволи билатералните спорови да бидат пречка во остварувањето на колективната цел – порача премиерот Мицкоски на состанокот на постојаниот комитет на Парламентарното собрание на НАТО што се одржува денеска во македонското Собрание. Според него, трагедијата во Кочани покажала дека солидарноста не е само збор, туку и дело што ги поврзува народите. Упати благодарност за помошта која Македонија ја доби од НАТО-партнерите. Земјава останува посветена на стабилно инвестирање во одбраната…

Треба да се размисли за воведување механизми каде нема да се дозволи билатералните спорови да бидат пречка во остварувањето на колективната цел. Ако сите заедно ја чуваме куќата, тогаш и заедно имаме право да си ги кажеме нашите проблеми, разочарувања и очекувања, порача премиерот Мицкоски на состанокот на постојаниот комитет на Парламентарното собрание на НАТО во македонското Собрание. Во тешките моменти бевме сведоци на вистинска солидарност од нашите сојузници и партнери кои понудија помош за справување со последиците од трагедијата во Кочани, рече премиерот.
Министерот за одбрана Мисајловски се осврна на безбедносните предизвици со кои се соочува континентот, како и на потребата од континуирано вложување во одбраната, за што Македонија одвојува два проценти од бруто-домашниот производ и речиси една третина од тие средства се наменети за набавка на опрема и модерно оружје за македонската армија.
Премиерот и министерот за одбрана со порака – Македонија продолжува да инвестира во човечки капитал, дигитална отпорност и капацитети за брза реакција. Остануваме доследни на вредностите кои нè обединуваат: демократијата, слободата, владеењето на правото и солидарноста.
Игор Панов
