Големите трагедии ја покажаа важноста на медицинските сестри
84 повредени од пожарот сè уште се на болничко лекување. 15 закрепнуваат во македонските болници, а 69 во странските медицински центри. Тројца остануваат во критична состојба. Големите трагедии ја покажаа важноста на медицинските сестри. Во Скопје се одржа прва Конференција на медицински сестри од Југоисточна Европа. Дискутираа и разменуваа искуства.

Во незапаметената трагедија во кочанската дискотека каде беа повредени околу 200 млади, соседството и дел од европските земји покажаа солидарност, организираа транспорт и згрижија повеќе од 100-тина најтешко повредени.
Состојбата на повредените кои итно беа пренесени во болниците во Србија и во Бугарија е стабилна, потврдија медицинските сестри кои се грижат за нив. Најголем дел од повредите имаат изгореници од втор и од трет степен по телото.
„17 се згрижени кај нас, четворица се префрлени во болницата во Ниш. Сите се стабилни, не се на респиратор. Тоа се деца на кои ќе им се изврши трансплантација на кожа. Јас мислам дека за две до три недели ќе се вратат во земјава“, вели Мирјана Прибичевиќ – медицинска сестра од Клинички центар во Србија.
„Многу се подобри, имавме и делегација од Македонија да ги види, но подобри се“, изјави Ана Тодорова – медицинска сестра во болницата во Пирогов, Бугарија.
Медицински сестри од Југоисточна Европа дојдоа во Скопје на конференција. Големите трагедии ја покажаа важноста на медицинските сестри.
„Ние важноста на медицинските сестри ја видовме во пандемијата, но и во ваква несреќа кога има многу загинати и повредени. Брзо се воспостави хиерархиска одговорност и медицинските сестри брзо одговорија на состојбата, брзо се поврзавме и им пруживме помош на повредените“, рече Адриано Фригановиќ – Европска асоцијација на сестри специјалисти.
Во здравствените установи во земјава работат околу 9.200 медицински сестри. Според здружението „За нас“, недостигаат најмалку пет илјади. И покрај дефицитот, во кризна ситуација успеале да се организираат. Бараат лекарите да им дадат поддршка во нивните барања.
„Ова што ние денеска ќе го размениме како мислење со колегите од Југоисточна Европа и регионот не е ништо поразлично од тоа што ние тука го работиме и правиме. Само што тие имаат закони и имаат сестринска документација за истото. Ние го работиме тоа, само ни треба запис и признавање на нашите компетенции и образовните квалификации да ги следат нашите работни задачи во болниците“, рече Гордана Бешлиоска – Здружение „За нас“.
Според последните податоци на здравствените власти – 84 повредени од пожарот во кочанската дискотека сè уште се на болничко лекување. 15 закрепнуваат во македонските здравствени установи, а 69 во странските медицински центри, тројца остануваат во критична состојба.
Андријана Ѓурческа
