Случај „Порше“

СДСМ бара одговорност за случајот во Дебар Маало, МВР со дисциплинска постапка за двајца полицајци

05.04.2025 16:42

СДСМ бара одговорност за случајот во Дебар Маало. Од партијата велат загрозена е безбедноста на улиците, нема ред и поредок. МВР соопштија дека е започната дисциплинска постапка за двајца полициски службеници од Одделението за лично обезбедување на Претседателот на Македонија кои лажно тврделе дека возилото „Порше“ е службено …

Социјалдемократите побараа одговорност од министерот Тошковски поради низа скандали како што велат, од кој последниот кога двајца полицајци обезбедувачи на претседателката Сиљановска-Давкова лажно тврделе дека непрописно паркираното возило во Дебар Маало е службено. Според СДСМ, скандалите на обезбедувањето на функционерите на власт покажуваат дека безбедносниот апарат системски се распаѓа.

МВР за двајцата полицајци поврзани со настанот во скопско Дебар Маало констатира дека сториле потешко прекршување на работниот ред и дисциплина. Од таму велат дека откако полициски службеници извршиле проверки за возилото „форд мондео“, констатирале дека истото го управувале нивни колеги распоредени во Одделението за лично обезбедување на претседателот на државата.

На 22-ри март полициски службеник од службата пајак за „Поршето“ направил записник за сторен сообраќаен прекршок и издал платен налог во кој како сторител на прекршокот е наведен 76-годишниот С.К. а сопственик на возилото, пак, е 48- годишниот М.Т. - двајцата од Скопје.

Фиљана Кока