Трговска бура

Глобалниот економски поредок стравува од колапс

05.04.2025 18:13

Светските берзи дивеат, во еден ден бележат загуби од три илјади милијарди долари, цената на нафтата оди во надолна линија, доларот слабее – економската стабилност во светот е сериозно нарушена.

Глобалниот економски поредок во стравување од колапс – почнува трговската бура. Светските берзи дивеат, во еден ден бележат загуби од три илјади милијарди долари, цената на нафтата оди во надолна линија, доларот слабее – економската стабилност во светот е сериозно нарушена. Од денеска стартуваат универзалните царини од 10 проценти за увоз на производи во САД. Кина веќе воведе одмазднички царини за увоз на американските производи, и покрај најавата за преговори сличен потег не исклучуваат ниту Европската унија и Канада.

„Ние не ја баравме оваа војна, но Канаѓаните се секогаш подготвени кога некој друг ќе ја фрли ракавицата. Но, како и во се досега, и во оваа трговска војна ќе победиме“, рече Марк Карни – премиер на Канада.

Економисти предупредуваат дека наметнатите тарифи од администрацијата на Трамп можат да имаат сериозни импликации врз паричникот на Американците. Производителите во Бразил за американските потрошувачи веќе најавуваат поскапување на кафето.

„Нашиот пријател Трамп предизвика војна во која сите губиме. Можеби Бразил нема премногу да изгуби, но ќе мора сите да се соочиме со ова“, вели Хозе Оскар Синтра – производител на кафе.

„На цената на кафето нема да има големо влијание, бидејќи ја одредува меѓународниот пазар. Но, за американските потрошувачи и индустриите кои го пакуваат или преработуваат кафето ќе влијае дополнителната тарифа од 10 насто“, изјави Хозе Карлос Хаскет.

Загриженост и кај американските фармери. Стравуваат од застој на производството, најавуваат помал профит поради енормно високите трошоци и губењето на извозниот пазар за поголемиот број земјоделски култури, откако кина возврати со одмазднички царини за американските производи.

„Загрижен сум за тоа што ќе се случи со другите работи кои треба да ги купуваме во текот на година, без разлика дали е тоа опрема, делови за опремата, цените на ѓубривата, хемикалиите, како сето тоа ќе влијае врз цените во иднина“, вели Брајант Кагај – сопственик на фарма во САД.

Како контрамерки кина воведе дополнителни царини од 34 насто за увезената американска стока што доведе до дополнителна ескалација на трговската војна. Пекинг најави и ограничувања на извозот на одредени метали од ретки земји, додека Трамп возврати со иста мерка, ветувајќи дека нема да отстапи од својата политика. Судирот на двете најголеми економии во светот ги подгреа и стравувањата од глобална рецесија.

Маја Стојанова