Борбите продолжуваат и покрај напорите за ставање крај на конфликтот
И двете страни се обвинуваат за жртви и повредени. Кремљ тврди нападите врз руски цивили докажуваат дека мирот не е на радарот на Киев. Зеленски пак, обвинува-ударот на Москва врз неговиот роден град Кривји Риг го докажува спротивното.

Борбите на украинскиот фронт продолжуваат со несмалено темпо и покрај дипломатските напори за ставање крај на конфликтот. И двете страни се обвинуваат за жртви и повредени. Кремљ тврди нападите врз руски цивили докажуваат дека мирот не е на радарот на Киев. Зеленски пак, обвинува-ударот на Москва врз неговиот роден град Кривји Риг го докажува спротивното.
„19 луѓе загинаа, вклучително и девет деца. 18 лица беа убиени од ракетен напад во близина на игралиште во станбена зона за да се рашират шрапнелите пошироко“, изјави Олександр Вилкул претседател на Советот за одбрана на Кривји Риг.
Часовникот отчукува-му порача американскиот државен секретар на специјалниот руски пратеник Димитриев, кој беше во Вашингтон на разговори. Вистинските намери на Русија во преговорите ќе станат јасни за неколку недели-истакна Рубио.
„Наскоро ќе дознаеме од нивните одговори дали се сериозни за продолжување со вистински мир или дали тоа е тактика за одложување. Сега дојдовме до фаза каде што треба да напредуваме“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.
Рускиот претставник Димитриев не отфрли одредени безбедносни гаранции за Украина во мировните преговори меѓу Киев и Москва, но рече дека пристапувањето на Украина во НАТО е невозможно. Потенцира дека тимот на Трамп спречил трета светска војна. Од Кремљ додадоа дека постојат многу нијанси пред да се прифати мировниот договор.
„Нема сомнеж дека тимот на Трамп не само што спречи да се случи трета светска војна, туку веќе постигна значителен напредок во решавањето на Украина“, вели Кирил Дмитриев, претставник на Кремљ.
„Претседателот Путин ја поддржа идејата за прекин на огнот, но има многу нијанси кои треба да се договорат пред да се преземе таков чекор. Во меѓувреме, продолжуваме со нашите контакти и дискусии за овие детали“, нагласи Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Посетата на Димитриев во САД е за изнаоѓање начини за ослободување на руските замрзнати средства-уверува Зеленски. Ја обвини Русија за кршење на договорите за прекин на огнот и повика на санкции кон Москва.
„Веруваме дека САД нема да ги укинат, туку напротив ќе преземат чекори за зајакнување на санкциите. Секојдневните напади се доказ дека се потребни силни санкции против Путин. Ова ќе ги принуди да престанат“, рече Володимир Зеленски, претседател на Украина.
По состанокот со Велика Британија и Франција, Зеленски истакна дека двете земји предложиле испраќање европски мировен контингент во Украина, но дека ќе биде потребен уште еден месец за да се финализираат деталите за потенцијалната мировна коалиција. Додаде дека работата отсега ќе продолжи во постојан формат – планирани се неделни средби на воено ниво.
Бојана Крстевски
