Препис од чудотворната икона на Пресвета Богородица – Скоропослушница во манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“
Препис од чудотворната икона на Пресвета Богородица – Скоропослушница, пристигна во манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ во село Побожје, на Скопска Црна Гора. Создадена е од вештите раце на монасите во Света Гора. Се верува во нејзината чудотворна моќ. И екипа на МТВ беше дел од поворката која во земјава го донесе преписот на иконата. Ќе изработи и документарен филм …

Атарот на манастирскиот комплекс на Пресвета Богородица во Побожје беше претесен за да ги собере верниците кои сакаа да се поклонат пред чудотворната икона на мајката Божја. Оваа вредна реликвија изработена од монасите од Света Гора беше лично од нив донесена во Скопје. Ја пречека архиепископот Г.Г. Стефан, кој сподели верувања за нејзините исцелителни моќи.
Ова е голем ден за македонската црква, велат верниците, затоа што иконата не само што ќе ја засили верата, туку ќе биде утеха и надеж за оние кои ќе и се поклонат.
И македонската телевизија беше дел од поворката која во земјава го донесе преписот на иконата на Пресвета Богородица, а за овој значаен раритет на црквата ќе се изработи и документарен филм.
Во манастирот се одржа и вечерната богослужба со која началствуваше архиепископот на МПЦ.
Анита Димитријевска-Велковска
