Врнежите ќе ја пролонгираат пролетната сеидба
Доколку моменталните температурите се задржат и дождовите престанат, сеидбата на пролетните култури, како сончогледот и јачменот, би започнала за дваесетина дена, велат земјоделците.

Пелагониските земјоделци се подготвуваат за пролетната сеидба, но стравуваат дека пролонгираните врнежи од дожд ќе влијаат врз сеидбениот план.
Заради обилните врнежи од дожд во последните две недели, доцни пролетната сеидба. Доколку моменталните температурите се задржат и дождовите престанат, сеидбата на пролетните култури, како сончогледот и јачменот, би започнала за дваесетина дена, велат земјоделците.
Досегашните врнежи од дожд пак се поволни и добредојдени за есенските посеви на пченица, кои зафаќаат површина од 12 илјади хектари, и моментално се во добра состојба. Но, за квалитетен развој на лебното зрно, потребна е поголема заштита, што значи и поголеми трошоци за земјоделците.
Во Пелагонија околу 2.000 земјоделци обработуваат 16.500 хектари земјоделско земјиште. Како резултат на климатските промени во последните години, се пробива оптималниот рок и на есенската и пролетната сеидба, а тоа ќе доведе до намалување на приносите, но и приходите на земјоделците.
Александра Максимовска
