Одделот за физикална терапија во Штип нема услови за болничко лекување на пациенти со изгореници
Откако ќе се санираат изгорениците и ќе завршат хируршките интервенции на повредените во пожарот во Кочани, во втората и третата фаза од лекувањето неопходна е физикална терапија. Во Кочани, тројца пациенти амбулантно се лекуваат со кинезитерапија и хидротерапија. Во Штип лекувањето ќе биде стационарно, но неопходна е адаптација на болничките соби за овој тип на пациенти…

По санирањето на изгорениците, повредените ќе се лекуваат во центрите за физикална терапија во Штип и Кочани. Во кочанското одделение за физикална медицина во моментот амбулантно се работи со тројца пациенти кои се на домашно лекување.
Физикалната терапија се применува по санирањето на изгорениците за да се врати функционалноста на мускулите и зглобовите.
Одделот за физикална терапија во Штип е со капацитет за болничко лекување на 48 пациенти, има искусен кадар и опрема, но стерилни услови за лекување на пациенти со изгореници нема. Санитарна инспекција и експерти од странство утврдиле дека потребна е адаптација на болничките услови.
Кога и колку пациенти ќе се лекуваат во штипскиот Оддел за физикална медицина ќе одлучува Кризниот штаб за здравство. Штипската болница ги очекува насоките на Министерството за здравство за адаптација на болничките соби за пациентите настрадани во пожарот во Кочани.
Славица Величковска
