34 години Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ
Мицкоски упати пораки за обединување без разлика на припадноста, за градење вредности и патриотизам преку формирање многудетни семејства. Да вложуваат во своето вистинско знаење, а не во импровизации...

34 години постоење на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ е всушност приказна за успешни млади луѓе вградени во темелите на партијата. Тоа е расадник на кадри, градоначалници, советници, пратеници и носители на други функции. Најважно е сепак, младите луѓе да бидат авангардата, рече во своето обраќање претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Мицкоски. Упати пораки за обединување без разлика на припадноста, за градење вредности и патриотизам преку формирање многудетни семејства. Да вложуваат во своето вистинско знаење, а не во импровизации. Додавајќи дека токму Унијата на младите сили е дел од македонскиот идентитет и дека треба секогаш да го чуваат.
Младите се свесни за улогата што ја имаат во општеството. Претходните власти ништо не подобриле во однос на подобрување на стандардот на студентите, оброкот и дигитализацијата, не одредувајќи ставка во буџетот за таа намена, рече претседателот на организацијата Сергеј Попов. Сега верува дека оваа власт ќе ги реализира нивните барања.
Според претставниците на Унијата, придонесот на младите бил клучен во предизборието, како и за победата на парламентарните избори лани. Сега сигурни се, велат, во победа и на претстојните локални избори.
Фиљана Кока
