Нови руски напади врз Украина
Русија изврши масовни напади со крстосувачки и балистички ракети. На удар повеќе градови, меѓу нив и Киев. Има загинати и повредени, регистрирани се и пожари. Поради интензивните напади на руската авијација со долг дострел, Полска подигна борбени авиони.

Цела Украина под воздушна закана. Русија изврши масовни напади со крстосувачки и балистички ракети. На удар повеќе градови, меѓу нив и Киев. Има загинати и повредени, регистрирани се и пожари. Поради интензивните напади на руската авијација со долг дострел, Полска подигна борбени авиони.
„Оперативната команда на вооружените сили ја следи моменталната состојба, а потчинетите сили и ресурси остануваат целосно подготвени за итен одговор“-стои во соопштението на Оперативната команда на вооружените сили на Полска.
Зеленски вели-погрешно и опасно е да се молчи дека Русија убива деца со балистика. Во земјата прогласен ден на жалост по нападот во Кривји Рих.
„Да се молчи фактот дека Русија убива деца со балистички ракети е погрешно и опасно. Тоа само ја охрабрува Москва да ја продолжат војната и да продолжи да ја игнорира дипломатијата. Затоа сум благодарен на секоја земја чии претставници се изјаснија. Русија мора да одговара за сè што направи, неопходно e да се изврши притисок врз нив, а не да се губи време на празни приказни – за да се стави крај на оваа војна“, вели Зеленски.
Москва засега молчи за жестокиот удар што и го зададе на Украина, но потврди дека соборила украински дронови над руските погранични региони Курск, Белгород и Ростов. Нападот доаѓа непосредно по средбите на украинските власти со врховните команданти на оружените сили на Британија и Франција во Киев на кои е разговарано за чекорите за постигнување и гарантирање на безбедноста на Украина во случај на договор за прекин на воените дејствија.
„Работните посети на врховниот командант на вооружените сили на лидерите на „коалицијата на подготвените“ ја покажаа непоколебливата решеност на сојузниците да се обединат за да ја зачуваат постоечката светска безбедносна архитектура и станаа уште една потврда за нивната подготвеност да продолжат да ја поддржуваат независноста и територијалниот интегритет на Украина“-напиша Врховниот командант на вооружените сили на Украина, Олександр Сирски.
Вашингтон синоќа соопшти дека одбројува време и дека вистинските намери на Русија во преговорите ќе станат јасни во следните недели. Од Кремљ пак објавија дека Путин ја поддржал идејата за прекин на огнот, но дека има многу нијанси кои треба да се договорат пред да се преземе таков чекор. Нов состанок на Советот за асоцијација ЕУ-Украина е закажан за в среда во Брисел.
Бојана Крстевски
