САД

Протести во САД против политиките на Трамп

06.04.2025 16:32

Демонстрантите го кренаа својот глас против наметнатите тарифи, депортирањето мигранти, ограничувањето на правата на трансродовите лица, забраната за абортусот, социјалното осигурување. Го критикуваа влијанието на моќните елити и недостигот на транспарентност во финансирањето на политичките кампањи.

Рацете настрана од демократијата – стотици илјади Американци во сите 50 сојузни држави излегоа на улиците, протестирајќи против политиките на актуелниот претседател Доналд Трамп. Демонстрантите го кренаа својот глас против наметнатите тарифи, депортирањето мигранти, ограничувањето на правата на трансродовите лица, забраната за абортусот, социјалното осигурување. Го критикуваа влијанието на моќните елити и недостигот на транспарентност во финансирањето на политичките кампањи.

„Без оглед на тоа за кого сте гласале, ова што се случува денес е одвратно. Колку и да е оштетен нашиот систем, начинот на кој сегашната администрација се обидува да ги поправи работите, не е вистинскиот начин“, вели Брит Касиљо – жител на Шарлот.

„Образованието, социјалното осигурување, правата на ветераните, на се, и на ЛГБТИ-заедницата. Сите сме загрозени, ова не е Америка која ја сакам. Што се случи со нашите идеали и рамнотежата на силите. Едноставно ова не е Америка, не е тоа што сме ние“, изјави Кетрин Гофорт – демонстрант.

„Трамп, Илон, ниту еден од нив не претставува ништо од она за што вистинските Американци се залагаат“, додава Карен Вест – демонстрант.

Најмасовниот протест се одржа во Вашингтон, на кој организаторите тврдат дека присуствувале над 100 илјади лица. Гневот на демонстрантите беше насочен и против соработката на Трамп со Илон Маск, кој го предводи новооснованиот оддел за владина ефикасност.

„Ова е Америка господине Маск, правдата не е на продажба! Ние не ги отфрламе врховните судии за награда од милион долари. Престанете со обидите за купување на нашите гласови“, рече Џемји Раскин – претставник од Мериленд.

„Нивното движење е управувано од стравот, обидувајќи се да не турнат еден против друг. Тие би сакале да веруваат дека причината поради која не можеме да платиме станарина, поради тоа што немаме здравствена заштита, тоа е поради други луѓе од нашата заедница, а не поради милијардерите или корпорациите, вели Максвел Фрост – претставник од Флорида.

„Се обидуваат да ни го забранат образованието, финансирањето за превенција од ХИВ, ги криминализираат лекарите, нашите наставници, нашите семејства. Доналд Трамп ние не го сакаме ова. Не ја сакаме оваа Америка, ние ја сакаме Америка којашто ја заслужуваме, каде што достоинството безбедноста и слободата нема да биде привилегија за некои од нас, туку ќе се обезбеди за секој од нас“, рече Кели Робинсон – претседател на кампањата за човекови права.

Протестите беа организирани на 1.200 локации од над 150 активистички групи, меѓу нив и од Канада и Мексико. Неколку часа претходно, стотици Американци кои живеат во Европа излегоа на улиците во Берлин, Франкфурт, Париз и Лондон, изразувајќи го противењето на политиките на Трамп.

Маја Стојанова