Политика

Мицкоски: Владата функционира обединето

06.04.2025 16:57

Владата функционира обединето, нема место за стравување како кога мнозинството беше на стаклени нозе, одговори на новинарско прашање премиерот Христијан Мицкоски во врска со шпекулациите дека Таравари ќе ја напушти владината коалиција. Денеска Алијанса за Албанците одржува собрание. Таравари не спори дека и натаму е дел од ВРЕДИ, но не ја исклучува можноста сам да оди на локални избори…

Владата функционира обединето, а парламентарното мнозинство е стабилно, одговори премиерот Мицкоски на се погласните информации дека министерот за здравство Таравари ќе ја напушти владината коалиција. Премиерот потврди дека неофицијално во Собранието имаат двотретинска поддршка, иако на хартија мнозинството е заокружено на 78 пратеници.

Таравари не спори дека и натаму е дел од ВРЕДИ, но не ја исклучува можноста сам да оди на избори. Според него, политичките случувања во моментов се динамични и смета оти треба да се носат разумни одлуки.

„Ние сме дел од ВРЕДИ и ќе се потрудиме до крај да најдеме заедничко решение во рамки на коалицијата, но доколку тоа не се случи имаме опција сами да настапиме на изборите“, изјави Таравари.

Четирипартитната албанска коалиција има различни позиции за настап на изборите, односно дали да се оди со една или пак со посебни листи. Таравари неодамна изјави дека во албанското крило од власта постојат и комуникациски канали со ДУИ. Оваа изјава експресно ја демантираа неговите партнери од Демократското движење, Беса и Алтернатива кои рекоа оти не комуницираат со партија чии функционери се на црната листа на САД.

Анита Димитријевска – Велковска