Здравство

Повеќе европски земји ни нудат помош за рехабилитација на повредените од Кочани

06.04.2025 17:36

Во странство се лекуваат 68 повредени од пожарот во кочанската дискотека. Најавени неколку исписи за деновиве, по финализирање на протоколите, велат од здравство. Непроменета состојбата на критичните. Оние пак, кои се на домашно лекување се под лекарски надзор, за да се спречат доцни компликации. Повеќе европски земји се понудиле за помош во рехабилитацијата на повредените …

Повредените од пожарот во кочанската дискотека кои се пуштени на домашно лекување се под лекарски надзор, за да се спречат доцни компликации кои се очекувани во вакви случаи. На вртоглавици и на главоболки се пожалиле дел од настраданите во пожарот, при редовната контрола на токсикологија. Директорот на клиниката Чибишев вели – тоа е очекуван процес кој ќе се надмине. Но, се стравува од посериозни компликации кои можат да се појават во иднина. Европски држави веќе понудиле да помогнат во рехабилитацијата.

„Има понуда од неколку европски држави да ни помогнат и во процесот за подолготрајна рехабилитација на овие луѓе, ни нудат престој на овие пациенти во специјализирани центри за рехабилитација на такви тешки труења со јаглероден моноксид каде се спроведуваат специјални програми и постапки за нивна рехабилитација“, изјави проф. д-р Андон Чибишев – директор на Клиниката за токсикологија, за Радио Слободна Европа.

Дека има понуди и од странски центри за долгорочна рехабилитација на повредените пациенти потврдува и доктор Игор Николов.

Според здравствените власти – 68 повредени во пожарот во кочанската дискотека остануваат под лекарски надзор во странските медицински центри. Непроменета е состојбата на тројцата критични пациенти.

Во земјава болнички се лекуваат 11 од повредените.

Андријана Ѓурческа