Бизнисот се вклучува во интеграцијата на лицата со инвалидитет

16.12.2013 16:02

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов...

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески, денеска потпишаа меморандум за соработка.
“Секој заслужува можност за успех и напредување, а наша обврска како институции и одговорни фактори на ова општество е да го овозможиме тоа.Преку многубројни примери се покажа дека бизнис-заедницата може и има голем удел во реализацијата на поволности и проекти за различни категории граѓани.
Тргнувајки од оваа определба, а согласно со програмските активности за соработка со бизнис-заедницата во изминатиот период, како претставници на Министерството за труд и социјална политика остваривме средби со работодавачите, стопанските комори и асоцијациите на работодавачи”, рече Спасов. 
“На тие средби, покрај другите прашања, дискутиравме и за  социјалната заштита на работниците, за промовирање соодветна застапеност на одредени групи  работници и за други прашања од областа на трудот.
Посебно се фокусиравме на обезбедување соодветни мерки за стручна рехабилитација на инвалидните лица и за промовирање можности за нивно вработување  на слободниот пазар на трудот и со тоа создавање услови за нивна целосна интеграција во општеството.
На средбата со претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески постигнавме согласност за продлабочување на соработката во овој дел и за конкретна реализација на активностите за поддршка на лицата со инвалидност и лицата кои се наоѓаат во социјален ризик.
Токму затоа денеска го потпишуваме меморандумот за соработка со кој се уредуваат активностите што ќе се преземаат во наредниот период,а особено за вработување на лицата со инвалидност, подобрување на социјалната интеграција на овие лица и друг вид поддршка“, потенцираше Спасов.
 
Министерството за труд и социјална политика ќе отвори посебна сметка за донации од членките на Стопанската комора на Македонија, а средствата ќе се користат за лицата со инвалидност и лицата во социјален ризик.
 
Членките на Стопанската комора на Македонија покажуваат интерес за партиципација во овие активности и за директна помош.
 
“Сакам да им изразам благодарност на претседателот на Стопанската комора за интересот и вклучувањето во оваа активност. Преку конкретната поддршка и изразената хуманост, Стопанската комора и Владата на Република Македонија остваруваат заедничка мисија, а тоа е да работат на подобрување на социјалната положба на лицата со инвалидност и на другите категории граѓани кои се во социјален ризик“, заклучи Спасов.