Пакет поволности за изградба на старечки домови и приватни градинки
55 приватни домашни и странски фирми досега покажале интерес за изградба или реконструкција на дом за стари лица. За изградба или реконструлција на приватни градинки интерес имало од 28 претприемачи. Локациите за градба се продаваат со почетна цена од 1 евро за квадратен метар, а комуналиите се намалени за 95 проценти.

55 приватни домашни и странски фирми досега пројавиле интерес за изградба на старски домови. За изградба на приватни градинки се заинтересирани 28 претприемачи. До нови приватни детски градинки и домови за стари лица преку пакет поволности – градежно земјиште со почетна цена од евро по квадрат, 95% попуст на комуналиите, поволни кредити од Македонската банка за поддршка и развој, помош од Агенцијата за вработување.
„Овие две поволности можат да бидат користени како од оние субјекти кои допрва се решаваат да влезат во дејноста, да изградат објекти и да стопанисуваат со него, така и од оние установи кои се веќе формирани од приватниот капитал“, рече Александар Ѓорѓиев, портпарол на владата.
Издвоени се 35 локации погодни за изградба на приватни домови за стари лица и 55 објекти за реконструкција, како и 23 локации за приватни градинки и 14 објекти кои со определни интервенции можат да бидат адаптирани за детски градинки.
„Постои сериозен прогрес како во поглед на обезбедувањето на локации и објекти така и во поглед на големиот интерес што го покажуваат претприемачите, односно приватните стопанственици за влез во оваа дејност“, рече Александар Ѓорѓиев, портпарол на владата.
Во тек е оглас за продажба на земјиште за изградба на приватен старски дом во општина Илинден, кој трае до 18-ти август, а наскоро ќе бидат распишани и огласи за една зграда во Пехчево, Неготино, Богданци. Во општина Аеродром постапката за продажба на државно земјиште за изградба на приватен старски дом е веќе завршена. За изградба на приватни детски градинки, наскоро треба да се распишат огласи во општините Гостивар, Аеродром, Центар Жупа, како и во Битола.
Секој оној кој има интерес да почне ваков бизнис може да ги погледне податоците што се објавени на интернет страницата на министерството за труд и социјална политика.
Ана Јосифоска Тодоровска
