Поплавени домови, патишта и индустриски објекти во САД
Поплавени домови, патишта и индустриски објекти. Делови од САД под вода откако по силното невреме се излеаја голем број реки на југот и средниот запад. Стотици жители се евакуирани, илјадници домаќинства останаа без струја и гас од Тексас до Охајо. Метеоролозите предупредуваат на ново невреме…

Климатските промени го земаат својот данок. Незапаметеното невреме проследено со силни бури и поројни дождови што го зафати американскиот југ и средниот запад, предизвика излевање на голем број реки во повеќе региони. Десетици лица загинаа, многумина се повредени. Метео-алармот повторно вклучен. Синоптичарите за наредните денови најавуваат нови силни врнежи што дополнително би го подигнале нивото на водостојот на реките.
„Ова е првпат за две децении водостојот во реката да се искачи на ова ниво. Две третини од градот се под вод. Слична ваква непогода беше регистрирана речиси пред 53 години“, изјави Мајк Харт, жител на Кентаки.
Националната метеоролошка служба соопшти дека се очекува 45 локации да го достигнат нивото на големи поплави. Нови предупредувања за торнадо се издадени во Алабама и Мисисипи, а стравувањата за можни поплави се проширија и за Кентаки и Тенеси. Под вода се и клучните логистички центри во Луисвил и Мемфис што може да доведе до прекин на снабдувањето за кризните подрачја. Малото гратче Ривс во северозападниот дел на Тенеси речиси е целосно под вода. Властите наредија евакуација на стотици лица.
„Ова е единствената куќа којашто ја исплативме и градот Ривс, а ниту осигурителните компании не осигуруваат од поплави бидејќи реката се наоѓа многу близу до насипите. Значи ако ја загубиме, ние ќе останеме без куќа“, изјави Доминик Скот, жител на Ривс.
Издадено предупредување за опасност од излевање на реката Охајо чиј водостој за едно деноноќие се издигна за речиси метар и половина, а се очекува водата да продолжи да расте и во наредните денови. Се зголемува и водостојот на реката Кентаки, поради што властите мораа да го пренасочат сообраќајот, а во градот да го исклучат снабдувањето на електрична енергија. Торнада се можни во Алабама, Џорџија и на Флорида, а метеоролозите предупредуваат дека врнежите би можеле да траат со денови.
Маја Стојанова
