Расте бројот на компании што ќе им ги отпишат долговите на социјално ранливите семејства
До понеделник конечно ќе се знае кои компании ќе се откажат од наплатата на средствата што им ги должат сиромашните во државава...

Трите најголеми банки, извршителите, ЕВН... расте списокот на компании што ќе ги отпишат долговите на социјално ранливите семејства. Меѓу 50 и 100 илјади граѓани долгуваат за комуналии и имаат минусни банкарски салда. Со години без пари да ги намират, трошоците им се таложат. Дел од нив тужени, стигнаа и до извршителите. Комората донесе одлука- ќе се откаже од трошоците.
„Извршителите се откажуваат од својата награда и од извршителските трошоци кои се направени во предметите кои се водат и на тој начин извршителите го даваат својот придонес во овој проект на владата“, вели Претседателот на Комората на Извршители на РМ, Зоран Петрески.
И трите најголеми банки го прифатија владиниот повик. Ќе им го простат долгот на социјалните случаи направен заклучно декември минатата година. Комерцијална и Стопанска прават анализи, Тутунска веќе пресмета, ќе отпишат 370- тина илјади евра долг најмногу по основ на потрошувачки кредити и негативни салда на картички. Директорот Јанчовски вели:
„Ние и онака имаме мали шанси да ги наплатитме овие средства затоа што станува збор за граѓани кои немаат начин како да ги вратат парите што ги должат, иако мерката е политичка, таа има и социјална димензија и банките како општествено одговорни компании ќе ја прифатат.“
До понеделник конечно ќе се знае кои компании ќе се откажат од наплатата на средствата што им ги должат сиромашните во државава. И во ЕВН се прават списоци и пресметки за висината на долгот што ќе го отпишат.
„Секогаш ги прддршуваме сите издржание проекти со кои се намалува енергетската сиромаштија. За колкава сума станува збор, на колкав број ќе им се отпише долгот, тоа ќе го знаеме на крајот на проектот“, вели портпаролот на ЕВН Макеоднија, Атанас Ковачевски.
Владата апелира- компаниите да ја покажат општествената одговорност. Ќе добијат право на даночен кредит во висина на одреден процент од сумата кој нема да биде поголем од 10 насто од отпишаниот долг.
Нема точни проценки колку пари од државната каса ќе бидат потребни за еднократниот отпис на долговите на социјално ранливите категории, но споед првичните проценки, сумата ќе достигне некаде 12-тина милиони евра.
Огласот за поднесување документи ќе биде објавен до средината на август, барањата за отпис, социјално ранливите категории граѓани ќе ги поднесуваат во центрите за социјална работа, ќе одлучува посебна комисија.
Сузана Фиданска-Стоевска
