Камења, песок и одрони од земја паѓаат од мостот пред Визбегово, граѓани постојано пријавуваат во ЦУК
Граѓани постојано пријавуваат во Центарот за управување со кризи дека надвозникот кај Визбегово е во лоша состојба. Изминатиот викенд е саниран откако паѓале камења и била пукната цевка, но потребна е негова реконструкција. Од ЦУК велат институциите се известени во повеќе наврати. Надлежните најавуваат изградба на нов надвозник.

Камења, песок, но и одрони од земја паѓаат од мостот надвозник пред скопската населба Визбегово. Граѓани постојано пријавуваат во ЦУК дека состојбата е лоша. Дури пукнала и водоводна цевка, под мостот која за среќа брзо е санирана.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, во повеќе наврати посочи дека институциите биле известени за опасноста од несигурниот мост. Поради реконструкција на патниот правец и спојувањето на стариот Качанички пат со Јадранската магистрала, во изминатиот период овој мост сè повеќе се користи. По него поминуваат и тешки и лесни возила.
Дел од граѓаните кои живеат во Визбегово, велат дека состојбата била загижувачка, но не сакаа да јавно да зборуваат.
Од Општина Бутел велат дека Град Скопје треба да го санира мостот. Градоначалникот Дарко Костовски вели дека со новиот надвозник кој е во изградба, овој мост ќе биде урнат.
Мостот е во оштетена состојба веќе неколку години. Граѓаните иако постојано пријавуваат за опасностите кои можат да се случат на надвозникот кој се вкрстува со стариот Качанички пат и Јадранската магистрала, освен пукнатата цевка, никој не го реконструирал.
Борис Грујоски
