Политика

Политичките аналитичари со поделени ставови по изборот на Венко Филипче како единствен кандидат на внатрепартиските избори на СДСМ

07.04.2025 15:52

По изборот на Венко Филипче како единствен кандидат на внатрепартиските избори на СДСМ на кој освои 18.000 гласови или 76 насто од регистрираните партиски членови, политичките аналитичари со поделени ставови за тоа дали тоа гарантира стабилен пат кон поуспешна иднина на опозициската партија...

По изборот на Венко Филипче како единствен кандидат на внатрепартиските избори на СДСМ на кој освои 18.000 гласови или 76 насто од регистрираните партиски членови, политичките аналитичари со поделени ставови за тоа дали тоа гарантира стабилен пат кон поуспешна иднина на опозициската партија. Додека за едни локалните избори ќе бидат тест за тоа дали членството правилно проценило да одат со еден кандидат кој ќе обезбеди консолидирана партија, други оценуваат дека ова во суштина е недемократски принцип на избор на лидер. Аналитичарот Џелал Незири смета дека може да го доведе под прашалник легитимитетот на Филипче зашто во минатите циклуси, при изборот на Зоран Заев или Димитар Ковачевски тие имаа далеку поширока прифатеност во сите структури на партијата.

Петар Арсовски оценува дека внатрепартиските фракции и членството во моментов процениле дека можеби Филипче ќе ги збие редовите со цел СДСМ да стане силна, стабилна и конструктивна опозиција која успешно ќе и парира на актуелната власт. Но не се исклучува можноста по локалните избори да се појават амбиции кај одделни структури да претендираат кон тронот на партијата.

Други пак, сметаат дека наместо да понудат визија, нова енергија и кредибилен лидер кој може да му парира на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ реши да оди со кандидат кој веќе еднаш беше дел од нивната ерозија. Со вакви „стратегии“, Мицкоски на локалните избори нема потреба ниту кампања да прави, опозицијата самата му ја завршува работата, напиша на социјалните медиуми аналитичарот Џенур Исени.

 

Игор Панов