Влада

Премиерот Мицкоски очекува брзо да се коригираат високите царини за земјава наметнати од САД

07.04.2025 18:48

Едни се задоволни, но други се загрижени. Царините на Трамп го тресат светот. 50 земји чекаат преговори со американскиот претседател за намалување на тарифите. Македонија е една од нив.

Владата очекува да се ревидираат тарифите од 33 отсто кои ги воведе американската администрација. И бизнисот и економистите се изненадени од одлуката за царинската стапка за Македонија, бидејќи земјите кои имаат дефицит во трговската размена со САД, немаат толку високи стапки. Станува збор за различни пресметки кои од владата очекуваат дека ќе се коригираат. Преговорите се во насока земјава да докаже дека има дефицит, а не суфицит во трговската размена со САД. Вредноста на извезени стоки минатата година била 110 милиони евра, додека увозот 180 милиони евра според податоците на Државниот завод за статистика. Македонија е во дефицит со САД 71 милион евра.

Вкупната трговска размена со САД минатата година изнесувала 314 милиони долари. На краток рок и директно не би требало да има негативни ефекти врз домашната економија. Но, индиректно и на подолг рок поради големата изложеност кон европската економија ќе се почувствуваат последиците.

Најмногу ќе биде погодена автомобилската индустрија, но извезуваме, машини, транспортни уреди, тутун, алкохол, храна.

 

Александра Велинова