Трамп нема намера да го паузира спроведувањето на царините
Го коментираше и понудениот договор за царини од ЕУ-„нула за нула“ за автомобили и други индустриски стоки, за кој вели дека не е доволен...

Американскиот претседател Трамп нема намера да го паузира спроведувањето на царините што ја загрозуваат глобалната економија, но нагласи дека е отворен за преговори за фер договор. Го коментираше и понудениот договор за царини од ЕУ-„нула за нула“ за автомобили и други индустриски стоки, за кој вели дека не е доволен.
„Тоа нема да биде така, мора да биде фер и реципрочно. Имаме дефицит со ЕУ од 350 милијарди долари и тој брзо ќе исчезне. А, една од причините и еден од начините на кои може лесно и брзо да исчезне е дека ќе мора да ја купат нашата енергија од нас затоа што им е потребна“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Во истовреме Трамп и се закани на Кина дека ќе воведе дополнителни царини од 50 насто доколку до денеска не ги повлечат најавените контрамерки против САД. Пекинг возврати-ќе се бориме до крај за да ги заштитиме своите интереси.
„Контрамерките што Кина ги презеде за да се заштити се сосема легитимни и нема да го прифати инсистирањето на САД. Кина ќе се бори до крај. Ги повикуваме САД веднаш да ги коригираат своите погрешни практики и соодветно да ги решат разликите со Кина преку еднаков меѓусебен дијалог на почитување“, изјави Миао Каи, водител на државната кинеска телевизија.
