Трговската војна се заострува, Трамп не отстапува од царините
Трговската војна се заострува. Американскиот претседател Трамп не отстапува од воведувањето дополнителни царини. Ја одби понудата на Европската унија, а на Кина ѝ се закани со тарифи од 50 проценти доколку не ги укине одмаздничките царини. Пекинг дециден- ќе се бориме до крај…

Незастрашен од колапсот на берзите што трае со денови, американскиот претседател Трамп нема намера да го паузира спроведувањето на царините што ја загрозуваат глобалната економија. Отворен е за преговори, но за фер договор-сега е Америка на прво место!-коментира шефот на Белата куќа. Понудениот договор за царини од ЕУ „нула за нула“ за автомобили и други индустриски стоки, за него не е доволен.
„Мора да биде фер и реципрочно. Имаме дефицит со ЕУ од 350 милијарди долари и тој брзо ќе исчезне. А, една од причините и еден од начините на кои може лесно и брзо да исчезне е дека ќе мора да ја купат нашата енергија од нас затоа што им е потребна“, изјави Трамп.
Од Брисел претходно соопштија дека различни инструменти се на маса, претпочитаат договор, но не исклучуваат можност и за одмазднички мерки-потенцираше шефицата на ЕК. Британија, пак, најави дека ќе остане прагматична и смирена во предизвикувачките времиња.
„Ова е променлив и целосно нов свет, ера во која старите претпоставки, кои долго време ги земавме здраво за готово, едноставно повеќе не важат. Нашата иднина е во наши раце. Ќе останеме смирени и ќе се бориме за најдобриот договор со САД и ќе го склучиме само ако е во наш национален интерес“, рече Кир Стармер, премиер на Велика Британија.
Во истовреме Пекинг соопшти дека ќе се бори докрај за да ги заштити своите интереси, откако Трамп налутен од контрамерките што ги најави Кина, постави ултиматум-или да ги повлече или да соочи со дополнителни 50 насто царини.
„Контрамерките што Кина ги презеде за да се заштити се сосема легитимни и нема да го прифати инсистирањето на САД. Кина ќе се бори до крај. Ги повикуваме САД веднаш да ги коригираат своите погрешни практики и соодветно да ги решат разликите со Кина преку еднаков меѓусебен дијалог на почитување“, објави државната кинеска телевизија.
Доколку Трамп ги спроведе заканите, американските царини за кинески стоки би достигнале вкупно 104%. Но, и покрај зголемениот притисок на финансиските пазари и од деловните лидери да отстапат од неговите тарифни амбиции, Трамп сепак не покажува знаци на промена на курсот.
Бојана Крстевски
