Берово, бисерот на Малешевијата
Не, не е Швајцарија. На градите на Малешевијата, крај Берово, како срма се распослале падини и борови шуми. Убави зиме, ама преубави лете. Во нивните пазуви се свиле бачила. „Клепало“го посетивме. Не пречека домаќинот Кирил.

Цело семејство посредува меѓу природата и посетителите. Од шумата плодови. Од добитокот млеко и млечни производи.
„Бабата го прави, немаме толку за да зивеземе сирење. Имаме доста гости и целото се троши тука“, рече Кирил Панковски, сопственик на бачило „Клепало“.
Љубоморно го чуваат своето бачило, ама љубов споделуваат со секој што ќе дојде во нивното огниште. А доаѓаат од целиот свет. Вредните домаќинки Божурка и Веселинка освен со насмевка го мамат нивното внимание и со превкусните јадења.
„Се бара, кисело млеко, зелник, пита, обично овие работи сакаат најмногу да ги пробаат“, рече Божурка Панковска член на семејството.
Патем сретнавме многумина што тргнале кон бачилото.
„Има многу убава природа, многу убав воздух, супер. И морето има свои убавини и планината има свои убавини“ велат посетителите.
Има понуда и за поинаков вкус. Таквите се пречекуваат во автентична, но модерна градба.
“Температура која е пригодна за шетање, за ноќевање. Кај на с сеуште не се употребува клима“, вели угостител од Берово.
Бабина тортица како десерт. Спроти луѓето велат некои од туристите.
„Македонија е целата преубава. Одушевен сум од љубезноста на луѓето. Особено во Берово“, вели турист од Франција.
Беровското езеро, како сафир наросен го повикува погледот на минувачот.
Не било вистина дека нема капење на планина.
„Помалку личи како Швајцарија, со планините и воздухот е убав и чист. Имаме многу опуштен ден, овде ќе останеме најверојатно две ноќи“, вели турист од Холандија.
Нема да ве одминат продавачите на домашни производи. Има за сечиј џеб.
„Некои сакаат сувенири од дрво, некои бижутерија. Тие што се излезени од тука земаат нешто што ги потседува на нашиот крај, макеоднско нешто“, вели уличен продавач.
Одовде ќе ве испрати пријатен ветрец. Ќе ви дарува свежина на образите што ќе ја понесете себе.
Фиљана Кока
