Здравство

Четворица пациенти ја напуштија софиската болница „Пирогов“ и заминуваат на домашно лекување

08.04.2025 12:54

Четворица од повредените во пожарот во Кочани кои беа на лекување во болницата „Пирогов“ во Софија денеска ќе бидат пуштени на домашно лекување. Во болницата остануваат хоспитализирани уште четворица кои се во тешка, но стабилна состојба...

По 21 ден борба со повредите од пожарот во кочанската дискотека – четворица пациенти ја напуштија софиската болница „Пирогов“ и заминуваат на домашно лекување. За овој период, извршени им биле повеќе од 12 операции. Лекарите велат – сите биле примени со тешки повреди. Пациентите се на возраст од 15 до 31 година. Натамошното лекување ќе го продолжат во болницата „Пирогов“.

„Дадени се инструкции за натамошен третман, во тек е лабораториско следење на нивната клиничка слика, во зависност од состојбата ќе се проценува евентуална нова хируршка фаза“, вели Маја Аргирова, раководител на Клиниката за изгореници и пластична хирургија.

За пациентите што остануваат на лекување велат дека се во тешка, но во стабилна состојба и сè уште се на интензивна нега. Оттаму, додаваат дека во тек се бројни интервенции за нивно заздравување.

Родителите на повредените им се заблагодарија на лекарите и на бугарскиот народ.

„Нашите деца излегуваат од болница и тука сме да им се заблагодариме на директорот, на лекарите кои ги лекуваат нашите деца. И на Бугарија и на бугарскиот народ за нивното сочувство, за грижата за нас. Им благодариме на крводарителите, нашето лекување ќе продолжи. Уште еднаш, од сè срце ви благодариме“, изјави Хуанита Соколова, мајка на Тамара.

„Голем шок и траума ќе им остане до крајот на животот. Се надеваме дека сите семејства еден ден ќе бидат подобри“, изјави Катица Петрова – мајка на Драган.

„Денеска сме четворица, се надевам дека и останатите ќе си дојдат побрзо“, изјави Борче Минов – родител.

По пожарот во Кочани, 15 повредени беа пренесени на лекување во соседна Бугарија, по тројца во Пловдив и Варна, а осуммина во болницата „Пирогов“ во која е еден од поголемите центри за третирање на изгореници во регионот.

Андријана Ѓурческа