Прилепскиот тутунски комбинат ги затвори долговите спрема државата
Тутунскиот комбинат со конверзија и официјално ги затвори долговите државата. Стратегиското партнерство со Филип Морис се ефектуира за еден месец...

Прилепскиот тутунски комбинат и официјално ги затвори долговите спрема државата. Денешното акционерско собрание го кажа последниот збор. Сега државата го зголеми својот акционерски статус на близу 82 проценти. Ќе има нова емисија акции.
„Вкупниот износ на конвертирање што се должи по основ на акциза, ДДВ и данок на добивка е нешто повеќе од 13 милиони евра, со тоа што од сегашните 79 проценти учество во вкупниот капитал на владата сега се зголемуваат на 81,18 проценти“, вели Александар Дерменџиев, генерален директор на Тутунски комбинат Прилеп.
Според раководството ова индиректно влијае на стратегиското партнерство со Филип Морис и идната можна соработка и консолидацијата на компанијата. Се уште ги носи баластите од заостанатите долгувања, иако ланската годишна сметка покажала намалување на загубата за 400 милиони денари.
Кобинатот е фокусиран на стратегиското партнерство со Филип Морис. Заедничкото друштво е формирано, се затвораат формалностите.
„Приоритетот секако дека е фокусирање кон стратегиското партнерство. Фирмата веќе е регистрирана“, вели Дерменџиев.
По акционерското собрание прилепскиот комбинат комплетно ја заврши конверзијата на долговите спрема државата. Се ефектуира стратегиското партнерство со Филип Морис, друштвото е формирано. За еден месец треба да добие титуларите за производител и акцизната дозвола за да може да се произведуваат марките на Филип Морис.
За година и пол прилепскиот комбинат очекува да застане на здрави нозе.
Елизабета Митреска
