Трамп не отстапува од воведувањето дополнителни царини
Трговската војна се заострува. Американскиот претседател Трамп не отстапува од воведувањето дополнителни царини. Ја одби понудата на Европската унија, а на Кина и се закани со тарифи од 50 проценти доколку не ги укине одмаздничките царини. Пекинг дециден – ќе се бориме до крај...

„Америка на прво место“ – американскиот претседател не попушта. И покрај вртоглавиот пад на берзите, Трамп нема намера да го паузира спроведувањето на царините. Понудениот договор за царини од ЕУ-„нула за нула“ за автомобили и други индустриски стоки, за него не е доволен.
„Мора да биде фер и реципрочно. Имаме дефицит со ЕУ од 350 милијарди долари и тој брзо ќе исчезне. А, една од причините и еден од начините на кои може лесно и брзо да исчезне е дека ќе мора да ја купат нашата енергија од нас затоа што им е потребна“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Од Брисел претходно соопштија дека се обидуваат да ги продлабочат односите со други земји во светот, но не исклучуваат можност и за одмазднички мерки кон САД.
„Направивме трговски договори со Мексико, МЕРКОСУР, Швајцарија. Договоривме трговско-инвестициско партнерство со Јужна Африка. Ќе го склучиме договорот со Индија за слободна трговија до крајот на годината и интензивно преговараме со Индонезија и Тајланд. Ова ќе им помогне на европските фирми, а во истовреме праќаме силна порака до светот дека Европа е подготвена за бизнис“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
Британија, пак, најави дека ќе остане прагматична и смирена во предизвикувачките времиња.
„Нашата иднина е во наши раце. Ќе останеме смирени и ќе се бориме за најдобриот договор со САД и ќе го склучиме само ако е во наш национален интерес“, изјави Кир Стармер, премиер на Велика Британија.
Во истовреме Пекинг соопшти дека ќе се бори докрај за да ги заштити своите интереси, откако Трамп по контрамерките што ги најави Кина, постави ултиматум-или да ги повлече или да се соочи со дополнителни 50 насто царини.
„Притисокот, заканите и уцените не се вистинските начини за справување. Кина сигурно ќе ги преземе неопходните мерки за одлучно да ги заштити своите легитимни права и интереси. Ако САД не ги почитуваат интересите на двете земји и меѓународната заедница и инсистираат да се вклучат во тарифна војна и трговска војна, Кина ќе се бори до крај“, изјави Лин Џијан, портпарол на МНР на Кина.
Доколку Трамп ги спроведе заканите, американските царини за кинески стоки би достигнале вкупно 104%.
Маријана Димовска
