Урбанизам

Претерана урбанизација во Охрид, обвинуваат еколозите

08.04.2025 14:00

Еколозите обвинуваат за претерана урбанизација на градот под заштита на УНЕСКО. Од општина Охрид велат Советот во својот мандат изгласал само три урбанистички планови, сите согласно законските прописи...

Еколозите обвинуваат за неконтролирана урбанизација на градот Охрид. Велат со децении се врши бетонизација на секоја педа земја. Алармираат за неестетско градење, со кое се нарушува автентичноста, и во поглед на архитектурата на градбите, на улиците и визурата на целиот град под заштита на УНЕСКО.

Според нив во урбанистичките планови е потребно помалку бетон, а повеќе зеленило.

Се градат доста, пак ќе кажам нехумано живеење зграда до зграда на десеттина метра една од друга, без зелени површини, без катчиња, дворно место за младите. Некаде скоро да нема пристап за возило, недај боже некоја несреќа да се случи во некои населби има претерана градба со згради и индивидуални куќи, вели Ванчо Стојаноски еколог.

Од општина Охрид ги отфрлуваат обвинувањата. Велат Советот во својот мандат изгласал само три урбанистички планови и тоа сите во согласност со законските прописи.

„Сите издадени одобренија за градба се во согласност со изгласаните урбанистички планови во согласност со законските решенија, во согласност со Завод за заштита и музеј со сите оние релевантни институции каде што поминуваат сите урбанистички планови се одржале и многу јавни расправи, вели Перчо Божисноки претседател на Советот на општина Охрид.

Според научната фела во градот Охрид мора да има умерена градба, што е и една од препораките на УНЕСКО. Градењето мора да биде планирано и регулирано на начин кој ќе го зачува карактерот и уникатноста на градот, но и економскиот развој.

 

Соња Рилковска