Македонија

Приведен директорот на Геријатрија, зел мито да смести пациент

08.04.2025 16:58

Од Министерството за внатрешни, велат се постапува за целосно расчистување на случајот. Приведувањето на Арифи го потврдија и од Основното јавно обвинителство. Се огласи и Министерството за здравство.

Мухсин Арифи, директорот на Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина во Скопје, е уапсен поради сомнение дека примил поткуп. Арифи заедно со посредник, барале и примиле поткуп во износ од 20.000 евра за болно и неподвижно лице да биде сместено во геријатриската установа.

Од Министерството за внатрешни, велат се постапува за целосно расчистување на случајот. Приведувањето на Арифи го потврдија и од Основното јавно обвинителство. Се огласи и Министерството за здравство.

„Министерството за здравство се залага за што побрзо расчистување на случајот од страна на Јавното обвинителство во врска со наводите за примање поткуп од раководно лице во јавна здравствена установа. Министерството за здравство стои на располагање доколку се потребни какви било информации по службена должност“, велат оттаму.

Реакција и од Таравари, од чија партија е директорот.

Секој кој се огрешил пред законите мора да понесе одговорност, без разлика на етничка, верска или политичка припадност. Испораката на правда мора да биде неселективна и во согласност со сите уставно-правни механизми и темелни вредности, велат од Алијансата на Албанците.

Марина Стојанова-Тонева