Пресуда за смртта на Теодора

Премиерот Мицкоски бара да се преиспита работата на судијата за пресудата за прегазувањето на Теодора од Тетово

08.04.2025 15:48

Премиерот Христијан Мицкоски разочаран од пресудата на судот во Тетово, јавно бара да се преиспита работата на судијата кој досуди две години затвор за Менсур Пајазити, кој на пешачки премин во 2022 година ја усмрти 22-годишната Теодора Ристовска. Вели, ова не е правда, и тука има потфрлање на системот...

Премиерот Мицкоски го повика Судскиот совет да ја преиспита пресудата, но и работата на судијата, кој го осуди Пајазити на две годишна затворска казна за усмртувањето на 22 годишната Теодора Ристевска од Тетово. Разочаран од ваквата одлука тој оцени дека ова не е правда туку системско потфрлање.

Шефот на владата вели дека повеќе нема да се молчи за ваквите случаи, а правдата дека ќе се истера до крај. На иста линија и првиот човек во правда. Филков посочи дека судскиот совет е повикан да постапува по реакцијата во јавноста.

Претседателот на Судскиот совет, Камбовски вели дека веќе побарал да се изврши увид во овој предмет, доколку се утврдат пропусти од страна на судот, најави оти ќе покрене постапка согласно законите.

Менсур Пајазити на 15 ти август 2022 со своето возило ја усмрти Теодора Ристевска на пешачки премин во Тетово. Тој призна вина и доби затворска казна од две години. Претходно беше осуден на 3 години и шест месеци. Пресудата ја укина врховниот суд, а апелација ја намали на две години. Пајазити е осуден за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.

 

Викторија Милевска