Пресудата за возачот кој ја прегази Теодора на увид пред Судскиот совет
Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, вчера изјави дека побарале увид во предметот за пресудата за Ристевска, наведувајќи дека ќе реагираат доколку утврдат неправилности.

Судскиот совет ќе спроведе истрага за случајот со пресудата за 22-годишната Теодора Ристевска, која трагично загина во сообраќајна незгода во Тетово. Ова следи по острите реакции на семејството и пошироката јавност поради изречената двегодишна затворска казна за возачот, во повторената судска постапка пред Основниот суд во Тетово.
Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, вчера изјави дека побарале увид во предметот за пресудата за Ристевска, наведувајќи дека ќе реагираат доколку утврдат неправилности.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера го повика Судскиот совет да ја испита работата на судијата. Министерот за правда Игор Филков, исто така, побара реакција од Судскиот совет, коментирајќи ја пресудата и нагласувајќи дека довербата на граѓаните во правосудниот систем е на исклучително ниско ниво.
Семејството на Теодора изрази незадоволство од висината на казната и долготрајноста на судскиот процес. Пресудата предизвика силни реакции и на социјалните медиуми, поради целокупниот процес и премногу „благата“ казна.
По сообраќајната несреќа во август 2022 година, причинителот кој ја прегази 22-годишната Теодора првично беше осуден на три години и шест месеци затвор. Апелациониот суд ја намали казната на две години, но Врховниот суд ги поништи пресудите и го врати случајот на повторно разгледување. Судот во Тетово повторно му одреди две години затвор на сторителот.
